
Фев
ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица на 03.12.2018 г. (понеделник) со почеток од 18:00 часот во Дом на АРМ – Струмица (голема сала), организираше хуманитарна манифестација по повод одбележување на 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
На хуманитарната манифестација беа претставени креации од серијата креативни работилници кои ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица ги реализираше во текот на 2018 година.
На манифестацијата, ученици од ООУ „Видое Подгорец“ – Струмица и ООУ „Никола Вапцаров“ – Струмица, се претставија со рецитали/мини драми за еднаквоста на децата, во кои вклучени беа и членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица, односно и лица со интелектуална попреченост, со што се пренесе порака за еднаквост, заедништво и потребата од поглема инклузија во сите пори на општеството. Исто така, на настанот се изведе и претстава од ученици од ПОУ „Св. Климен Охридски“ – Ново Село и музичка точка на ООМУ ,,Боро Џони” – Струмица.
3-ти Декември e датум кој се одбележува како Меѓународен ден на лицата со попреченост. Овој ден е посебно акцентиран на потребите и проблемите кои ги имаат и со кои се соочуваат лицата со попреченост. Сепак, не е доволно само еден ден да им се посвети внимание на овие лица и на нивните права за еднаквост со другите. Тоа треба да биде секој ден, да претставува дел од човечкото општество. Затоа, ЦПЛИП – ПОРАКА и оваа година се залагаше се поголема социјална инклузија на лицата со интелектуална попреченост преку нивно работно ангажирање, дружба со нивни врсници со типичен развој, претставување пред заедницата и слични активности, а нашата ПОРАКА продолжуваме да ја пишуваме и понатаму!







