Членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица, младинци со интелектуална попреченост, со помош на стручен тим, во текот на 2019 г. изработија боенки за деца. Активностите околу изработката на боенките беа во рамки на проектот „Моја – твоја – наша боја!“, финасиски помогнат од Општина Струмица преку V2 Програмата од Буџетот на Општина Струмица за 2019 г.
Тргнувајќи од идејата за промоцијата на почитување на правата на лицата со попреченост на сите нивоа на образовниот систем, вклучувајќи ги децата од најрана возраст, во склоп на одбележување на 3-ти Декември, боенките ги презентиравме во четирите општински основни училишта во Струмица пред учениците од прво одделение, преку креативни работилници. Цел на оваа активност беше да се прмовираат нивните способности и придонеси, а сето тоа низ призмата на образовниот систем и развивање на свеста за еднаквост и недсикриминација кај децата од најрана училишна возраст.
На овие работилници, учениците од прво одделение, со помош на нашите членови, ги боеа боенките и преку процесот на боење учеа за боите, контурите, фигурите, формите, како и она што е прикажано на цртежите. Особено во овој дел е важно да потенцираме дека фактички младинците со интелекутална попреченост, кои ги изработија цртежите, им помагаа и беа ментори на учениците при боењето во боенките и им помагаа да учат за зимата, летото, животните и овошјето, кои како тематски цртежи се претставени на цртежите на боенките.
Вкупно ќе бидат реализирани 4 работилници, по една во секое од четирите општински основни училишта во градот Струмица, односно паралелно во едно училиште во исто време течеа работилници во две паралелки од прво одделение. Вкупно 10 младинци со интелектуална попреченост беа вклчени во истите, кои со поддршка на стручниот тим, беа поделени по 5 во секое одделение и работеа заедно со учениците. Во секое училиште беа опфатени околу 60-тина ученика, а вкупно во сите 4 училишта околу 240 ученика. За останатите ученици од прво одделение, таму каде што имаше поголем број на ученици во прво одделение, како и за првоодделениците во подрачните основни училишта во населените места, беа дополнително доставени боенки и за нив.