
Фев
ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица преку натрпевар во готвење и изложба на креации вчера во Дом на АРМ – Струмица го одбележа 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
На хуманитарната манифестација беа претставени креации од серијата креативни работилници кои ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица ги реализираше во текот на 2017 година. Дел од креациите беа изработени и од штитениците во Дневниот центар за деца со посебни потреби – Струмица, со поддршка на стручниот тим и волонтери во Клубот за млади при Општинската организација на Црвен крст – Струмица.
На настанот, исто така, беше организиран и натпревар во готвење. Имено, членовите на Социјалниот клуб при ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица, во три засебни тима, комбинирани со млади без пречки во развојот и членки на „Етно Вешта жена“ – Струмица, изработуваа јадења, салати и десерти и се натпреваруваа за највкусно подготвени јадења и најдекорирани и најубаво поставени маси за јадење. За победници беа прогласени и трите тима, бидејќи покажаа умешност, креативност и извонредност.
Исто така, дел од манифестацијата беа и кратки претстави и рецитали организирани со ученици и стручен тим од ООУ „Видое Подгорец“ – Струмица, ООУ „Никола Вапцаров“ – Струмица и волонтери во Клубот за млади при Општинската организација на Црвен крст – Струмица. Преку кратките претстави се пренесе порака за почитување на принципите на еднаквост, недискриминација, инклузија, праведност и солидарност. Со своја изведба се претставија и играорците од Ансамбал „Тримери“ – Струмица.
Целта на ваквиот настан беше да се подигне свеста кај пошироката јавност за можностите на лицата со попреченост во изработка на различни јадења, соработка, координација и тимска работа со нивни врсници без попречености, како и важноста од зајакнување на нивната положба во семејствата како еднакви и рамноправни членови кои можат да ги искористат своите можности, капацитети и креативно дејствување во секојдневните домашни активности.
Продолжуваме секој ден заедно да ја пишуваме нашата ПОРАКА!








