
Фев
,,Нека се препреки сто, но го можеме ова заедно!”
,,Мојата боја е и твоја боја, твојата боја е и наша боја.”
,,Сите сме деца под ова сонце, исто се смееме, радуваме, плачеме, паѓаме, стануваме – нема разлика.”
,,Сите имаат право на образование, работа, пристап, дом, здравство, социјална заштита…”
,,Ние сме за прифаќање на различностите и инклузија во општеството оти секој тоа го заслужува и не смее да има бариери.”
Вакви беа пораките кои гласно ги кажавме заедно со нашите другарчиња од училиштата ,,Никола Вапцаров’’, ,,Маршал Тито”, ,,Видое Подгорец’’ од Струмица и ,,Климент Охридски’’ од Ново Село, одбележувајки го меѓународниот ден на лицата со попреченост под мотото „МОЈА – ТВОЈ – НАША БОЈА!“.
Настанот се одржа на 03.12.2019 г. (вторник) во Дом на АРМ – Струмица.
На хуманитарната манифестација беа претставени боенките кои ги изработивме со стручни тимови и кои беа поделени на првооделеци во училиштата во Струмица. Покрај боенките, беа претставени и рачните изработни со новогодишни мотиви, кои нашите членови ги изработуваа во текот на втората половина од годината. Присутните гости на манифестацијата, за симболична сума, ги купуваа боенките, ракотворбите и украсите, а парите собрани од продажбата на креациите ќе бидат искористени за опремување на Социјалниот Клуб на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица со потребните дидактички материјали за натамошна работа.
На манифестацијата, ученици од општинските основни училишта се претставија со рецитали/мини драми за еднаквоста на децата, во која вклучени беа и членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица, односно и лица со интелектуална попреченост, со што се пренесе порака за еднаквост, заедништво и потребата од поглема инклузија во сите пори на општеството. Имено, програмата заврши со цитирање на некои од правата предвидени во Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, право на образование, право на работа, здравство, социјална заштита и сл., кои како пароли ги кажаа нашите членови, а учениците, рака за рака со нив, дадоа краток осврт на тие права и потребата од нивно почитување од сите. Се даде и краток осврт/говор за значењето на 3-ти Декември и правата на лицата со попреченост, како и за главната цел на реализација на програмските активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица и значењето на социјализацијата и инклузијата на лицата со попреченост во општеството, најмногу преку доближување до нивните врсници без пречки во равојот, преку заедничко дејствување и работа.
Активноста е дел од поектот „Моја – твоја – наша боја!”, финасиски помогнат од Општина Струмица и РЦПЛИП – ПОРАКА Скопје.














